Загриженост за економската состојба по завршувањето на кризата со новиот коронавирус, изразуваат осум од десет Грци (80,3 отсто), додека пак една третина (31,2 проценти) од анкетираните се плашат дека ќе останат без работа, според резултатите од истражувањето на грчкиот Институт за комуникација и писменост во здравството и медиумите, во кое учествувале 1.322 лица, јави дописничката на МИА од Атина.

Повеќе од половина од испитаниците, односно 63,5 отсто смета дека поради мерките што се преземаат за Ковид-19, ќе им се ограничат индивидуалните слободи, а 65 проценти се согласуваат со тврдењето дека грчката Влада ја контролира ситуацијата со новиот коронавирус.

Резултатите покажуваат дека постои поделеност во јавното мислење за тоа дали Ковид-19 е создаден од луѓето, 35,3 отсто се согласува со ова тврдење, 33,3 проценти не се согласуваат, а останатите 31,3 отсто од анкетираните ниту се согласуваат, ниту не се согласуваат.

Во однос на периодот додека Грците беа во карантин, смиреност, загриженост и опуштеност се главните чувства што преовладувале кај анкетираните.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/05/2020 11:40