Големиот совет на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) донесе пресуда во која оцени дека е неприфатливо барањето на Сиријците кои се жалеа на одбивањето на белгиската амбасада во Бејрут да им издаде хуманитарни визи, истакнувајќи дека тие немале никаква врска со белгиската држава и не се под нејзина јурисдикција, јави дописникот на МИА.

Ова е прв ваков случај разгледан од Големиот совет, највисоко ниво на ЕСЧП, кој многу ретко донесува решенија за недопуштеност, како во конкретниот случај. Апликанти се неколку сириски бегалци и нивните две деца, по потекло од Алепо, на кои им биле одбиени хуманитарни визи за краток престој, а биле пријавени во белгиската амбасада во Бејрут. Потоа се надеваа дека ќе можат да аплицираат за азил во Белгија.

Апликантите се жалеле на повреда на нивните права загарантирани со Европската конвенција за човекови права. Според нив, одбивањето на белгиските власти да им ги дадат овие т.н. „хуманитарни“ визи ги изложува на ризик од тортура, нечовечно или понижувачко постапување (член 3 од Конвенцијата).

Сепак, Големиот совет на ЕСЧП смета дека жалителите не спаѓаат во надлежност на една од државите, како Белгија, потписнички на Европската конвенција за човекови права и затоа, таа не е применлива за нив . Сириската бегалска двојка не била на белгиска територија, ниту пак имала постоечки семеен или приватен живот во оваа земја.

ЕСЧП потсети дека во претходниот случај, веќе се сметало дека „само фактот на апликантот кој започнал постапка во држава-членка со која нема врска не бил доволен за утврдување на надлежноста на оваа држава кон него “.

-За судот да одлучи поинаку, ќе резултира со утврдување на квази-универзална примена на Конвенцијата“ и со тоа „да се создаде неограничена обврска за државите потписнички да одобрат влез на нивната територија на кое било лице кое би ризикувало да биде подложено на третман спротивно на Конвенцијата надвор од нивната надлежност “, продолжува Големиот совет. Како резултат на тоа, „судот смета дека жалителите не спаѓаат во надлежност на Белгија“ и нивната апликација е одбиена.

Сепак, ЕСЧП заклучува дека оваа одлука „не ги спречува напорите преземени од државите потписнички да го олеснат пристапот до процедурите за азил преку нивните амбасади и / или конзуларни претставништва“.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/05/2020 22:33