Министерството за економија и по завршувањето на здравствено-економска криза ќе продолжи да спроведува мерки и проекти за поддршка на бизнисот и на граѓаните. Зголемувањето на конкурентноста, инвестициите во индустриските капацитети и во иновативноста на компаниите и понатаму ќе остане наш врвен приоритет, порача денеска ресорниот министер Крешник Бектеши.
-Во изминатите два месеци како резултат на негативните последици кои ги предизвика КОВИД 19 врз економијата, Владата донесе низа вонредни мерки за поддршка на најпогодените компании, но и за најзагрозените граѓани, а Министерството за економија паралелно работеше и на реализација на други мерки за поддршка на економијата од годишните програми кои беа усвоени во почетокот од годинава. Ги повикувам сите компании да ја искористат поддршката што ја дава Владата за справување со оваа криза и да аплицираат за мерките за поддршка на економијата, рече Бектеши на денешната прес-конференција во Владата.
На почетокот на годинава, прецизира, беа објавени неколку јавни повици за поддршка на стопанството преку Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво, преку Програмата за енергетска ефикасност, како и Програмата за индустриска политика.
-Од Програмата за енергетска ефикасност спроведен е јавниот повик за субвенции на печки на пелети. Од оваа мерка оваа година субвенции ќе добијат вкупно 454 граѓани кои аплицираа заклучно со крајниот рок 6 март во вкупен износ од 10,7 милиони денари. Вкупно 20 од граѓаните кои добиле субвенции за печки на пелети се домаќинства со ниски примања за што е предвидена субвенција од 75 отсто од средствата, но не повеќе од 25.000 денари, а останатите домаќинства беа поддржани со 50 отсто од трошоците за набавка на печки на пелети, но не повеќе од 20.000 денари, посочи Бектеши.
Целта на оваа мерка, додаде, е стимулирање на домаќинствата за користење на обвновливи извори на енергија за затоплување на своите домови кои минимално ги загадуваат воздухот и почвата, а сите добитници на субвенциите за набавка на печки на пелети до 8 мај ќе бидат објавени на веб-страницата на Министерството за економија.
-Од Програмата за иновации, конкурентност и претприемништво од почетокот на годинава беа објавени и реализирани пет јавни повици. Веќе е завршен јавниот повик за субвенции за занаетчии при што оваа година субвенционирани се над 40 занаетчии и вршители на занаетчиска дејност во вкупен износ од 4,47 милиони денари. Преку оваа мерка се кофинансираат 50 отсто од докажаните трошоци, но не повеќе од 180 илјади денари за набавка на опрема и алати и за уредување на деловниот простор, односно уредување на занаетчиските дуќани, рече Бектеши.
Исто така, посочи, минатата недела на 30 април заврши и јавниот повик за Кофинансирање на проекти на занаетчиските комори за развој и промоција на занаетчиството.
-Вкупниот буџет е 1,74 милиони денари, следи евалуација на пристигнатите апликации и потпишување на договори за имплементација на проектите. Преку оваа мерка се кофинансираат 75 отсто од трошоците за реализација на проекти на занаетчиски комори во делот на организирање обуки, поттикнување на креативни занаети, организирање на форуми и промотивни и слични активности, прецизира министерот за економија.
Во делот на поддршката на занаетчиството, како што кажа, се уште е отворен јавниот повик за Субвенционирање на трошоци за ангажирање на чираци која е нова мерка произлезена од барањата на занаетчиските комори.
-Јавниот повик е отворен до 20 јули, а вкупно за оваа намена се предвидени 300 илјади денари. Ги повикувам сите занаетчии да аплицираат за оваа финансиска поддршка која им ја нудиме се со цел да го развијат својот бизнис и да станат се поконкурентни, потенцира Бектеши.
Во делот на поддршката на компаниите, како што нформира, исто така е завршен јавниот повик за Финансиска поддршка на мирко, мали и средни претпријатија.
-Од оваа мерка оваа година субвенционирани вкупно 55 претпријатија во вкупен износ од 14 милиони денари. Мерката опфаќа субвенционирање на микро, мали и средни претпријатија кои вработуваат над три лица преку субвенционирање на 50 отсто од докажаните трошоци, но не повеќе од 300 илјади денари по апликант направени за набавка на опрема и алати, рече Бектеши.
Тој ги повика сите жени претприемачи да аплицираат на јавниот повик за финансиска поддршка за женското претприемништво.
-Повикот трае до крајот намај, веќе има пристигнато апликации во Министерството за економија кои се разгледуваат, а вкупниот предвиден буџет за оваа намена е 1,5 милиони денари. Мерката предвидува субвенционирање на претпријатијата во над 50-отстотна сопственост на жени, но и за компании кои се управувани од жени, преку кофинансирање на 50 отсто од докажаните трошоци, но не повеќе од 120 илјади денари по апликант направени за набавка на опрема и алати, софтверски решенија и подобрување на деловниот простор, истакна Бектеши.
Во делот на мерките за индустриска политика ги повика сите преработувачки капацитети да аплицираат на јавниот повик наменет за преработувачката индустрија.
-Крајниот рок за аплицирање за оваа мерка е 31 јули, а предвидени се 4,5 милиони денари за поддршка на претпријатијата за развој на деловниот субјект, развој на производ и развој на пазар. Со мерката се обезбедува финансиска поддршка од 75 отсто од вредноста на проектот, но не повеќе од 300 илјади денари, посочи Бектеши.