Кина не прифаќа меѓународна истрага за потеклото на новиот коронавирус се додека пандемијата и американските обвинувања кон Пекинг продолжуваат да се шират, изјави денеска кинескиот амбасадор при ОН во Женева, Чен Су.

– Првиот приоритет е концентрација на борбата против пандемијата се до конечна победа… Ние немаме време за губење кога е во прашање спасувањето животи, истакна амбасадорот Чен Су преку видео прес-конференција.

Запрашан за повикот кој Светската здравствена организација го очекува за да може да испрати свои експерти во Вухан, каде започна пандемијата во декември минатата година, Чен оцени дека дипломатскиот контекст тоа не го дозволува.

Тој ги осуди изјавите на американските високи претставници, според кои вирусот се проширил од Институтот за вирологија во Вухан.

– Не можеме да толерираме дека тој вид на политички вирус слободно се шири во време кога сите напори треба да бидат насочени кон борбата против вистинскиот вирус, нагласи кинескиот амбасадор.

Чен ги обвини американскиот претседател Доналд Трамп и државниот секретар Мајк Помпео, кои тврдат дека имаат докази оти новиот коронавирус е „пуштен“ од лабораторија во Вухан, објаснувајќи дека тие ја отежнуваат борбата против пандемијата со тоа што го пренасочуваат вниманието од сопствената одговорност за ширењето на вирусот во САД.

– Ако Трамп и Помпео имаат докази, тогаш нека му ги покажат на целиот свет, наместо што вперуваат со прст… Научниците можат да одговорат на тие прашања, истакна Чен на прес-конференцијата.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/05/2020 14:47