Францускиот печат се осврнува на денешниот самит ЕУ-Западен Балкан, на кој лидерите на ЕУ ќе се обидат да ги уверат земјите од Западен Балкан за нивната европска иднина и да им покажат дека не биле заборавени за време на кризата со новиот коронавирус, јавува дописникот на МИА.
Овој виртуелен самит на Европската унија со претставниците на шесте балкански земји првично беше планиран во Загреб, главниот град на Хрватска, која го има ротирачкото претседателство. Или како што насловува „Фигаро“ „ЕУ сака да го смири Западен Балкан и испраќа помош од 3,3 милијарди евра“.
Од своја страна „Ла Кроа“ има друго видување на настанот на кој според насловот „прашањето за проширувањето е потиснато на самитот“.
Вирусот, кој уби повеќе од 250.000 луѓе ширум светот и тешко ја погоди Европа, самиот се постави на агендата на самитот, кој првично требаше да се фокусира на аспирациите на шесте балкански земји за влез во ЕУ.
Со помалку од 500 мртви, 18-те милиони жители на Западен Балкан за момент го избегнаа експлозивно италијанско сценарио. Но, европските лидери сакаат да ја обезбедат својата поддршка за овој сиромашен регион во Европа, од каде медицинските работници масовно емигрираат, во време кога пандемијата ја мачи економијата и ги зацврстува нејзините граници, пишува париски „Фигаро“.
Брисел најави повеќе од 3,3 милијарди евра за да му помогне на Западен Балкан да се бори против вирусот и да ги врати нивните економии. Во првите недели од кризата, бавноста на ЕУ и отвори булевар на Кина и во помала мерка на Русија да се претстават како „спасители“ со испраќање на авиони натоварени со маски и други тестови во регионот, потсетува АФП.
Но, оваа „неизедначена финансиска поддршка“, според комесарот за проширување, Оливер Верхели, пристигна бавно, по помошта што ја пружија Кина, Турција и Русија, секако нивната помош беше помала, но беше придружена со медиумска покриеност. И забраната за извоз на европска медицинска опрема која се применуваше на Балканот, пред да се исправи грешката, остави горчлив вкус, пишува „Ла Кроа“.
Оттогаш, Европејците излегоа на теренот за да ја истакнат значајната здравствена помош инјектирана во изминатите 20 години во Западен Балкан и специјално наменетите средства за борба против вирусот. Оваа помош „ја потврдува силната солидарност“ на Брисел, се вели во соопштението од претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лејен.
-Имаме посебна одговорност да им помогнеме на нашите партнери во Западен Балкан бидејќи нивната иднина е јасно во ЕУ, се пренесува изјавата на дер Лејен од Фигаро.
Според Ла Кроа самитот во Загреб, се претставува пред сè како можност Брисел да ја покаже својата поддршка за регионот во тешкотии, кој привлекува дополнителна европска помош. Европски
„Тој требаше да биде голема прослава на кој ќе се слави заживувањето на европските интеграции …“ воздивнува Себастијан Грикурт, директор на опсерваторијата за Балканот при Фондацијата Жан Жорес, во изјава за Ла Кроа.
Албанија, Босна, Црна Гора, Македонија, Косово и Србија се во различни фази на европската постапка, потсетува понатаму Фигаро, Србија и Црна Гора предначат и тие ги отворија преговорите за пристапување од пред години. Босна и Косово немаат статус на кандидат. Во март, по повеќекратни одложувања, Брисел даде зелено светло за отворање на пристапните разговори со Македонија и под одредени услови со Албанија. Процесот се очекува да трае со години откако на Тирана и беше наредено да спроведе изборна реформа и да продолжи да го реформира правосудниот систем.
-Самитот ќе ја покаже обновената посветеност на ЕУ кон европските перспективи на Западен Балкан, вели дипломатски извор во Брисел за АФП. Апликантите исто така ќе бидат потсетени за реформите што треба да се спроведат, додава истиот извор..
Но, од влегувањето во ЕУ на последната земја членка, Хрватска во 2013 година, проширувањето изгледа дека не се наоѓа меѓу приоритетите. Здравствената криза не помага во работите.
-Прашањето за проширувањето е сега на дното на списокот со приоритети на Европската унија. Тоа таму и беше, објаснува за АФП политичкиот аналитичар Сенада Село Сабиќ.
Постапката за преговори претрпе голем неуспех во октомври кога ЕУ рече им рече не за отворањето на пристапните разговори со Скопје и Тирана по иницијатива на Франција, Данска и Холандија. Ова вето предизвика встаписаност во Тирана и во Скопје. За да напредува на европскиот пат, Македонија го смени и своето име по комплициран процес со цел да се реши долгиот спор со Грција. Францускиот претседател Емануел Макрон оттогаш успеа да изнуди заострување на пристапниот процес, кој стана реверзибилен, потсетува Фигаро.