Францускиот претседател на видеоконференција со дванаесет видни личности од културата во Франција, даде предлози за поддршка на секторот, целосно запрен речиси два месеци, јави дописникот на МИА.

Соочен со „виталната, морална и економска криза“ низ која минува светот на културата веќе два месеци, Емануел Макрон нема „план“. Тој претпочита да зборува за заедничка амбиција: „обнова на културната амбиција на земјата“.

-Ние мора да го прифатиме големиот јаз помеѓу наивниот идеализам и формата на прагматизам во пресрет на економската и социјалната криза, рече тој, пред да даде предлози за заживување на секторот.

Предлозите се изработени со министерот за култура Франк Ристер, министерот за економија Бруно Ле Мер и Министерот за труд Муриел Пенико.

Започнувајќи од 11 мај и во наредните денови, со излегувањето од изолацијата ќе се отворат музеите, книжарниците, уметнички галерии, но со прилагодување на ограничувањата за да се спречи ширењето на вирусот.

Претседателот, исто така, сака да се отворат салите за спектакли. Но не за да се даваат претстави како порано, туку да се примат уметниците и техничарите за да продолжат со пробите, да подготвуваат „снимки“ што ќе се емитуваат на телевизија или на Интернет и за да се подготви „следната сезона“.

Враќањето на културата, сè уште изгледа нејасно, па и за претседателот.

-Не знам каде ќе биде оваа епидемија следната сезона. Ние ќе мора да креираме под екстремни ограничувања, да замислиме други форми.

Прашањата за капацитетите на салите, мерките што мора да ги придружуваат собирите на гледачите на затворено место, се чини дека сè уште не се решени. Еден од истражуваните патишта, бидејќи големите собири и големите сали засега остануваат забранети, е да се работи „во тесна поврзаност со образованието“.

Од овој аспект, Емануел Макрон замислува за две фази. Првата, до јули, вклучување на уметниците во училиштата, кои ќе можат да анимираат мала група од десет деца, еден до два часа неделно. Втората по одморите и за време на летните одморалишта за децата.

Најголемата гаранција дојде за големиот број на „наизменични работници кои поради прекинот на спектаклите, фестивалите и снимањата останаа без работа и не можат да ги исполнат бараните часови на работа, нив правата на невработеност ќе им бидат продолжени до крајот на август 2021.

Авторите ќе имаат „ослободување од придонеси четири месеци“.

Што се однесува до здруженијата, организациите и малите културни претпријатија кои се во најлоша положба, нивната „разновидност ќе се зачува“ благодарение на „механизмите за поддршка кои ќе продолжат и надвор од крајот на периодот на затворање“, со „прилагодена помош“„ со придонес на фондови “за кои ќе се мобилизира Банката за јавни инвестиции.

За филмот, Емануел Макрон процени дека снимањата нема да можат да продолжат „пред крајот на мај“ и дека дури и во јуни и јули „ќе мора да се прави од случај до случај“. Тој најави „формирање фонд за привремено компензација“, во партнерство со регионите и приватните партнери. „Секој ќе биде одговорен“, рече тој, мислејќи на осигурителните компании. Претседателот, исто така, посака да упати апел до Европа за „повторно релансирање на европската копродукција“.

Друга заложба на државата: „голема програма за јавни набавки“ за уметничките професии, за емисии во живо, литература, визуелни уметности.

Овие најави на Емануел Макрон доаѓаат по растечкото незадоволството од културниот сектор во последните неколку дена, со барање за конкретни акции и мерки. Од почетокот на затворањето, сè е стопирано: затворени се концертни сали, опери и театри, затворени се музеи, изложбени галерии, конзерваториуми, споменици, библиотеки, архиви. Речиси сите летни фестивали и настани се откажани, оставајќи ја јавноста без спектакли, но и илјадници наизменични работници и работа. Снимањата беа стопирани, дури и изданијата на книги, музички албуми, филмови се одложени за подобри денови.

Пред да ги запознаат мерките преземени од владата, неколку претставници на заедницата ги оспорија условите за организирање на оваа конференција со претседателот на Републиката. Друштвото на режисери на филмови подели соопштение за медиумите, во кое се осуди набрзина договорената средба на која „голем број организации што го претставуваат секторот, вклучително и нивниот, не се не поканети “. „Овој недостаток на консултација нè загрижува“, велат од синдикатот, кој побара, повторно отворање на кината „во консултација со здравствените власти“ и продолжување на „дванаесет месеци (од денот на повторно отворање на просториите) на правата на осигурување во случај на невработеност “.

На економски план културата во Франција преставува 2,2 отсто од БДП и во неа се вработени околу милион лица.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/05/2020 22:10