Според резултатите од спроведената анкета низ градови во 20 африкански земји, повеќе од две третини од африканското население би останало без храна и вода доколку поради пандемијата на новиот коронавирус би морале да останат 14 дена во карантин, а над половина од испитаниците одговориле дека во тој случај би останале без пари.

Со намера да им помогне на владите на африканските земји во развивање на политика за борба против Ковид-19 во иднина, ова истражување на Африканскиот центар за контрола и превенција на болести е спроведено кон крајот на март до средината на април во 28 градови.

Резултатите укажуваат дека строгите мерки за ограничување на движењето на континентот се тешко одржливи, а неколку африкански земји, кои брзо реагирале на пандемијата на Ковид-19, сега ги ублажуваат воведените забрани.

Според анкетата, за време на карантинот најсиромашните домаќинства би останале без храна и средства за живот за најмалку една недела, а жителите на Нигерија и Кенија истакнале дека гладта која се појавила во урбаните подрачја на тие земји ги принудува да ги прекршуваат мерките на забрана за излегување од дома.

Истражувачите заклучиле дека доколку рестриктивните мерки не бидат прилагодени на потребите на локалното население, може да дојде до немири и насилства.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/05/2020 22:47