Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека последиците од пандемијата на коронавирусот ги засегнаа САД посилно од Перл Харбур во текот на Втората светска војна или нападите врз Светскиот трговски центар од 11 септември 2001 година, пренесоа француските медиуми.

-Тоа е полошо од Перл Харбур, полошо од Светскиот трговски центар. И никогаш не би требало да се случи, изјави Трамп пред новинарите во Белата куќа.

Изненадувачкиот напад на Јапонија врз военопоморската база „Перл Харбур” на Хаваите во 1941 година ги вовлече САД во Втората светска војна.

Во терористичките напади на 11 септември 2001 година во Њујорк, пак, загинаа околу 3.000 лица, а најмногу во Светскиот трговски центар, предизвикувајќи две децениски војни на САД и антитерористички операции во Ирак, Авганистан и други земји.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/05/2020 23:10