Главниот град на федералната држава Марањао, една од најсиромашните во Бразил, во тропскиот предел, со население од 7,1 милиони, е прв што воведе забрана за излегување во таа голема јужноамериканска земја.
Со надеж дека ова ќе спречи пандемијата на коронавирус да го надмине здравствениот систем, 1,5 милиони луѓе во градот Сао Луис и три соседни од ноќеска не смеат да излегуваат од своите домови, освен да купуваат намирници и лекови.
Училиштата, како и голем број фирми се затворени, а јавниот превоз не функционира.
Полицијата ги блокираше патиштата и главните улици, а оној што ќе биде затекнат надвор треба да докаже дека извршува дозволена работа и да покаже сметка од продавница или аптека.
Блокадата беше воведена и покрај инсистирањето на бразилскиот претседател Жаир Болсонаро дека само постарите лица и оние кои се во ризичната група треба да останат дома.
Болсонаро и неговите следбеници во повеќе наврати ги критикуваа локалните власти за наметнувањето ограничувања врз основа на тоа како се зголемуваше бројот на новозаразени случаи од коронавирус.
Минатата недела стравувањата од затворањето во домовите предизвикаа паника во продавниците во Марањао, иако прехранбените и сега работат.
Со 7,1 милиони жители, државата Марањао потврди 4.227 случаи на заразени, претежно во Сао Луис и околината. Забраната за напуштање на домовите беше прогласена токму кога овие случаи ги преплавија градските болници.
Експертите велат дека недоволното тестирањето во Бразил значи дека официјалните податоци не се прецизни.
Кога започна пандемијата, Марањао имаше само 232 легла на интензивна нега за пациенти со Ковид-19 и тоа само во три града, а потоа одделенијата беа опремени со 761 кревет и основна опрема во ограничен обем во 11 градови.
Во март, повеќето бразилски гувернери им препорачаа на граѓаните да останат дома, но главно немаше казни доколку излезат.
Покрај тоа, работеа многу дејности, дури и продавници за автоделови и за градежни материјали и градежништвото во целина, но заразата се ширеше.
Затоа новата забрана во Сао Луис предвидува казни до 360 долари за оние кои ќе излезат надвор без добра причина.
И гувернерот на Рио де Женеиро Вилсон Вицел сега размислува за забрана за излегување на населението, но само таму каде што се „жариштата“ во градот од 6,2 милиони жители, пишува весникот „О Глобо“.
Наспроти тоа, гувернерот на државата Санта Катарина, Карлос Моис, сојузник на претседателот Болсонаро, започна да ги олабавува ограничувањата и на 22 април го отвори трговскиот центар во Блуменау, по што бројот на заразени од Ковид-19 таму набрзо се зголеми.
Како и на друго место, дебатата околу одговорот на пандемијата во Бразил е политичка.
Болсонаро ги критикуваше гувернерите дека претерале со ограничувањата и додека бараше да ги укинат тој во повеќе наврати беше во судир со судовите, како дел од се поголемите недоразбирања меѓу централните и другите бразилски институции.
Така, на еден судија дури му се закануваше смрт поради потпишување налог да не се излегува надвор во државата Марањао.