Она што е сигурно е дека Европската комисија ќе излезе со нова одлука и од 15 мај кога завршува одлуката за затворањето на границите кон трети земји, ќе го продолжи затворањето за уште еден месец, односно до 15 јуни. Што значи дека 15 јуни нема да можеме да примиме посетиле од трети земји, рече алтернативниот министер за надворешни работи на Грција Милтиадис Варвициотис, во интервју за грчката телевизија „Мега“, јави дописничката на МИА од Атина.

Алтернативниот шеф на грчката дипломатија рече дека со оглед на тоа што Европската унија сѐ уште нема соопштено план за туризмот, Грција разгледува марки на национално ниво, а во понеделник, туристичките организации „ќе ги презентираат нивните ставови за тоа на кој начин, безбедно, ќе се отвори грчкиот туристички сектор“.

-Дури и во прашањето за рестартирање на туризмот, Европската унија сѐ уште го нема најдено начинот на кој ќе одиме напред, затоа и разгледуваме мерки за рестартирање на туризмот на национално ниво, бидејќи на европско ниво, нема договор ниту што ќе правиме со обесштетувањето на патниците кои имаат резервирано авионски билети, дали ќе им дадеме ваучер или ќе им се вратат парите на клиентите, не се решени прашањата со здравствените протоколи со кои ќе влегуваш во авион и ќе одиш на некоја дестинација, истакна алтернативниот министер за надворешни работи на Грција.

Во однос на економијата и предвидувањето на Европската комисија за рецесија од 9,7 отсто во Грција, Варвициотис вели дека предвидувањето јасно покажува две работи, „пред сѐ ја покажува големината на економската штетата од коронавирусот на европско ниво, но ја покажува и потребата да се реагира на убедлив, решителен и храбар начин за економските последици од кризата“.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/05/2020 12:43