По еден ученик во клупа на растојание од еден и пол метар, најмногу 15 ученици во секој училница, поделба на класовите и наизменични одмори за да се избегнат гужви, се дел од правилата под кои ќе работат грчките училишта според упатствата во заедничката министерска одлука на надлежните министри и во циркуларот од Министерството за образование на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Во понеделник започнува наставата за матурантите, додека пак на 18 мај, во училишните клупи се враќаат сите средношколци во Грција. За основните училишта и градинките за деца од четири до шест години, дополнително ќе се разгледа можноста за отворање на 1 јуни, доколку тоа го дозволува текот на епидемијата.

Доколку во класовите има над 15 ученици, тие ќе бидат поделени во две групи. Едната група ќе следи настава понеделник, среда и петок, другата вторник и четврток, а ќе се менуваат на една седмица. Во деновите кога нема да имаат настава на училиште, предвидена е програма за учење дома.

Според правилата за начинот на работа, потребно е учениците и професорите да бидат внимателни во излегувањето од училниците, тоа да биде постепено и со ред, да постојат различни делови за секоја група, на одморите да се проветруваат училниците, а забранети се игри со топка (кошарка, фудбал, одбојка и сл) на големите одмори или по часовите.

За часовите по информатика, тастатурата на компјутерите треба да биде покриена со пластична проѕирна фолија, од оние што се користат за храна, а да се менува за секој ученик.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/05/2020 13:24