Претседателите на трите Балтички држави, Литванија, Летонија и Естонија, денеска ги осудија обидите на Москва за „фалсификување на историјата“, пред одбележувањето на 75-годишнината од завршувањето на Втората светска војна.

Во заедничката декларација, лидерите на Литванија, Летонија и Естонија, чии земји некогаш беа дел од СССР, а сега се членки на ЕУ и НАТО, побараа „вистина и правда“, признавање на злосторствата на комунизмот и одговорност на СССР за војната.

„Извртувањето на историските настани што доведоа до Втора светска војна и поделбата на Европа по војната е обид за фалсификување на историјата и да се доведат во прашање темелите на современиот меѓународен поредок“, предупредуваат водачите на трите земји.

Тие истакнаа дека Советскиот сојуз користел вооружени сили и репресија за да ги покори нивните народи за време на Студената војна.

Литванскиот претседател Гитанас Науседа неодамнешните обиди на Москва за минимизирање на тајниот договор Рибентроп-Молотов од 1939 година за поделба на Европа помеѓу нацистичка Германија и СССР го нарече „историски ревизионизам“.

-Историјата не смее повторно да се пишува. Тоа доведува до лоши заклучоци и лоши одлуки, рече Науседа за француските медиуми.

Летонскиот претседател Егилс Левитс изјави дека „фалсификувањето на историјата е еден вид хибридна војна“, што ја води Москва.

Балтичките земји станаа независни по распадот на СССР во 1990-1991 година.

За нас, војната заврши во 1993 година кога последниот руски војник ја напушти територијата на Литванија, изјави Науседа.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/05/2020 14:50