Банката на Англија предвидува пад на бруто домашниот производ на Велика Британија од 14 отсто, поради економската криза предизвикана од пандемијата на новиот коронавирус, но истовремено ја задржа каматната стапка на рекордно ниски 0.1 процент.

Прогнозата се темели на предвидувањата дека рестриктивните мерки постепено ќе се намалуваат до јуни.

Предвидениот пад на економските активности до 14 отсто за 2020 година претставува најголем пад од 1949 година, од кога Националното биро за статистика на Велика Британија води ваква евиденција.

Во денеска објавената прогноза Банката на Англија соопшти дека британската економија може да опадне за околу 25 проценти во вториот квартал оваа година, по контракција од три проценти во првиот квартал, но потоа ќе започне да расте поради укинување на ограничувањата воведени поради пандемијата на Ковид-19.

Со два последователни квартали со пад на економијата, што е техничка дефиниција на рецесија, Велика Британија влегува во првата рецесија во последните десет години.

Банката на Англија верува дека економијата во земјата може многу брзо да се опорави, доколку заврши пандемијата во земјата и во странство.

Велика Британија очекува економскиот раст да закрепне во 2021 година со раст од 15 отсто.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/05/2020 15:23