Кина денеска ги осуди „лажните“ зборови од САД, еден ден по критиките на американскиот претседател Доналд Трамп, кој повтори дека Пекинг требаше да ја запре епидемијата на коронавирусот.
Трамп вчера изјави дека пандемијата, што се појави во Кина кон крајот на минатата година, е „полоша“ од нападот на Перл Харбур во 1941 година и нападите во САД на 11 септември 2001 година и повторно ја нападна Кина, кажувајќи дека епидемијата може да биде запрена „на изворот“ и дека такво нешто „никогаш не требаше да се случи“.
Портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Хуа Чунџинг, реагирајќи на нападите на американскиот претседател, денеска кажа дека бројни земји, експерти и научници имале позитивни зборови за начинот на кој Кина се спречуваше и го контролираше вирусот.
-Само од САД пристигнуваат неусогласени, лажни и лицемерни тонови, рече таа, додавајќи дека непријателот со кој се соочуваат САД е новиот коронавирус.
Таа ги повика САД, заедно со Кина, да се борат против овој непријател.
„Штета е да се констатира дека некои луѓе во САД вината да ја префрлаат врз другите место да ја преземат сопствената одговорност“, рече таа.
Кина успеа да го ограничи ширењето на Ковид-19 на помалку од 83.000 заразени, од кои 4.633 починале.
САД во моментов се најтешко погодената земја во светот со повеќе од 73.000 смртни случаи.