Македонските текстилни компании се ориентираа кон шиење на заштитни маски, а во помали колични скафандери, заштитни мантили и блузи за здравствените работници. Претседателот на Организација на работодавачи, Ангел Димитров за МИА вели дека речиси сите компании од текстилот се ориентирале кон шиење на заштитни маски, поради големата побарувачка на европскиот и светскиот пазар.
– Шиењето на заштитни маски ја ублажи кризата во текстилната индустрија. Дел од летната облека се очекува да остане како залиха, за наредната година. Кон крајот на април требаше да почне шиењето на модните налози за есен/зима, но нашите партнери се претпализиви. Шиењето на облека за есен/зима се очекува да стартува кога ќе почне големата продажба во Германија и останатите земји, вели Димитров.
Тој посочи дека цената на работната рака за шиење маски се движи од 10 до 60 центи, а сосема мал дел од конфекциите шијат скафандери и останата заштитна опрема за здравствени работници.
Менаџерот на текстилната компанија „Албатрос“ Иван Андов вели дека сите налози за шиење на облека се стопирани од страна на странските партнери. Оваа конфекција до пред неколку дена беше специјализирана само за производство на кошули, но поради настаната состојба и тие производството го реорганизирале за шиење на маски за европскиот пазар.
– Шиеме заштитни маски за европскиот пазар. Ние во овие моменти мора да се преструктурираме, да најдеме работа и нарачки, што ќе бидат економски исплатливи, вели Андов.
Министерката за финансии, Нина Ангеловска на својот фејсбук профил истакна дека извозот на заштитни маски и опрема е речиси за 300 отсто поголем во април, споредено со истиот месец лани. Таа додава дека тоа е пример за сите, како најбргу ќе ја пребродат кризата, оние кои и набрзо ќе се адаптираат.