Од 11 мај ќе почне излегувањето од изолација во Франција , поточно олабавувањето на мерките за ограничувања што беа воведени на 17 март, потврди денесека премиерот Едуар Филип, јави дописникот на МИА.
-Претседателот на Републиката потврди дека, со оглед на здравствените резултати од изминатите неколку дена, од понеделник, 11 мај, можеда почне постепеното кревање на изолацијата. Ова е нов чекор во борбата против епидемијата. Тоа е добрата вест за Франција, за Французите. Ние во понеделник ќе почнеме постепен процес што ќе трае најмалку неколку недели, соопшти премиерот Филип.
Министерот за здравство Оливие Веран го престави конечниот план што ќе послужи за спроведување на мерките за излез од изолацијата. Планот или картата сега е само во две бои, црвена и зелена, изработен според три критериуми: циркулацијата на вирусот, болничкиот притисок и капацитетот на виролошките тестови.
-Картите од изминатите неколку дена предизвикаа загриженост, надежи, но и понекогаш недоразбирања во зависност од бојата, зелена, портокалова или црвена. Исто така, јасно кажувам дека ако вашиот департман е во црвена боја, ова не е ниту казна, ниту лоша оцена. Епидемискиот притисок опадна, но ова намалување крие понекогаш важни разлики во зависност од териториите, рече министерот.
Во црвено се наоѓа скоро целиот северо-исток на Франција.