На 11 мај во Франција повторно ќе биде воспоставено слободното движење, освен во департманот Мајот кој се наоѓа во Индискиот Океан, односно од понеделник ќе биде можно излегување без специфичната потврда, освен за патувања подолги од 100 километри од домот на живеење, јави дописникот на МИА.

Француската Влада попладнево ги претстави мерките во детали за олеснување на рестриктивните мерки, кои, по барање на претседателот Емануел Макрон, почнуваат на 11 мај.

На 11 мај библиотеките, музеите, галериите можат да бидат отворени но со регулирање на протокот на лица. Кината, спортските сали и покриените сали се уште остануваат затворени, а се дозволува практикување на индивидуален спорт. Плажите остануваат и понатаму затворени Состаноците и собирите ќе бидат ограничени на десет лица. А од јуни ниту еден настан со повеќе од 5000 лица не ќе може да биде организиран се до септември.

Сите продавници, цвеќарници, фризерски салони ќе отворат на 11 мај, но не и рестораните и кафулињата. Трговските центри со над 40 000 м² ќе можат да отворат со одобрение на префектите, освен во парискиот регион каде ситуацијата со вирусот е покритична.

Границите на Франција остануваат и понатаму затворени и ограничени до 15 јуни, освен за исклучоци и за пограничните работници. Ситуацијата ќе се промени кога санитарната ситуација ќе го дозволи тоа. Се предвидува карантин од 14 дена за сите лица кои ќе дојдат во Франција од Шенгенскиот простор или од друга земја.

Во јавниот транспорт, каде понудата ќе биде ограничена на минимално 50 отсто од нормалниот сообраќај, постепено ќе се зголемува. Меѓурегионалниот превоз е само за неодложни потреби и треба да претставува 20 од 30 отсто од нормалниот ред на возење. Градскиот јавен превоз ќе биде достапен за сите, освен при големиот прилив на патници при одење и враќање од работа, кога ќе биде потребна потврда од работодавачот. Се советува сите кои можат да работат од дома, тоа и да го направат. За претпријатијата се издадени посебни упатства како да ги заштитат своите вработени.

Носењето на заштитни маски во јавниот транспорт е задолжително за сите лица постари од 11 години, а во случај на непочитување на обврската, казната е 135 евра.

Во текот на идната недела ќе бидат отворени 80 до 85 отсто од 50 000 училишта во Франција, а в понеделник први ќе се вратат наставниците и професорите, а потоа и прогресивно учениците, но не сите одеднаш и истовремено.

На втори јуни е предвидена нова етапа во стратегијата за излез од рестриктивните мерки, во зависност од развојот на епидемијата.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/05/2020 21:59