Училиштата во Норвешка ќе бидат отворени од понеделник, а баровите и кафулињата од 1 јуни, соопштија денеска властите во таа земја.
Културни и спортски настани, на кои ќе може да има до 200 луѓе, ќе бидат дозволени од 15 јуни, а од 16 јуни ќе може да почне фудбалското првенство, соопшти денеска Владата.
– Наша цел е до 15 јуни да ги отвориме повеќето фирми и установи кои сега се затворени, изјави премиерката Ерна Солберг. – Но, со многу важен услов – ќе излеземе од изолација на тие датуми само ако успееме да ја задржиме епидемијата под контрола, потенцираше таа.
Норвешка, која од средината на март воведе серија рестриктивни мерки, на 20 април ги отвори градинките, а училиштата за деца до 10 години на 27 април.
Според Норвешкиот институт за јавно здравје, стапката на ширење на заразата, која покажува колку луѓе заразил еден заболен, е падната на 0,49 – што укажува дека епидемијата се повлекува.
Сепак, Владата потенцира дека физичката дистанца и зголемени хидиенски мерки мора и натаму да се почитуваат. Исто така, Владата апелира што повеќе луѓе да ја симнат апликацијата „Smittestop“ односно „стоп инфекција“, која ќе им овозможи на здравствените власти да добијат подобра слика за ширењето на Ковид-19 и која ќе им укаже на корисниците дали биле во контакт со некој заболен.
– За да го вратиме животот во нормала и да го задржиме вирусот под контрола, сите мора да вложиме напори и да ја користиме апликацијата, истакна Солберг. Користењето на апликацијата е бесплатно и не е задолжително, но властите апелираат што повеќе луѓе да ја симнат во своите паметни телефони.