Јапонија го одобри Ремдесивир на американската компанија Гилеад сајанс за лекување на заболените од Ковид-19, соопшти јапонското Министерство за здравство. Со тоа, Јапонија стана втората земја по САД, која и официјално го авторизираше тој лек за болеста предизвикана од новиот коронавирус.
Јапонија одлуката ја донесе само три дена откако американската фармацевтска компанија побара одобрение по брза постапка. Јапонското Министерство информира дека Ремдесивир ќе се дава на пациентите со тежок облик на Ковид-19.
Овој лек минатата недела доби одобрение од американската Агенција за храна и лекови за интервентна употреба.
Јапонија, со само 16 илјади заболени и помалку од 800 починати, има значително помалку случаи од останатите високо развиени индустриски земји.