Употребата на хидрохлорохин, лек што се користи за лекување маларија, ниту ја подобрува, ниту ја влошува состојбата на пациентите со Ковид-19, се наведува во студија спроведена во американски болници.

„Ризикот од интубација или смрт не е намален кај пациенти кои биле третирани со хидрохлорохин. Резултатите биле исти како кај критично болни пациенти кои не биле третирани со овој лек”, се наведува во студијата, финансирана од Националниот институт за здравство на САД.

Истражувањата се спроведени во Презвитерианската болница во Њујорк и во медицинскиот центар Ирвинг при Колумбискиот универзитет.

Вкупно 811 пациенти примале по две дози од 600 милиграми хидрохлорохин првиот ден, потоа по 400 милиграми дневно во наредните четири дена. Контролна група од 565 пациенти не го користела лекот. Според експертите, резултатите од нивната студија не ја поддржуваат широко распространетата употреба на овој третман, освен во одделни клинички испитувања.

Американскиот претседател Доналд Трамп повеќе пати го препорача лекувањето со хидрохлорохин во третманот на Ковид-19. Овој лек, како и лекот хлорохин, со години се користат во третманот на маларија и одредени автоимуни заболувања, како лупус и ревматоиден артритис.

На крајот на април, канадските и американските здравствени власти предупредија дека треба да се користат само при контролирани клинички истражувања.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/05/2020 12:37