Комеморацијата за одбележување на 75-годишнината од победата над фашизмот во Париз се одржа во ограничен формат, без публика, само во присуство на главните политички и воени лидери, пораади кризата со коронавирусот, јави дописникот на МИА.
Годината кога се одбележува 75-годишнината од победата над нацизмот, за првпат традиционалната церемонија под „Триумфалната порта“ се одвиваше без традиционалното искачување на Елисејските полиња и преглед на трупите.
Покрај актуелниот шеф на државата, Емануел Макрон, беа присутни и неговите претходници Никола Саркози и Франсоа Оланд, претседателите на двата собранија Жерард Лархер и Ричард Феран, премиерот Едуард Филип, министерот за војските Флоранс Парли и државниот секретар Женевиев Дариосиек , како и градоначалничката на Париз Ан Хидалго.
Армиите беа претставени од нивните највисоки офицери, меѓу кои и началникот на штабот Франсоа Лекоинтр.
Церемонијата траеше 45 минути. Најпрво беше положен венец пред статуата на генералот де Гол на Елисејските полиња. По што следуваше свечената церемонија под Триумфалната порта, со полагање венец и распалување на пламенот на гробот на Незнаениот војник.
На Ајфеловата кула беше поставено тробојното француско знаме „за да им се оддаде почит на борците и припадниците на отпорот од Втората светска војна и за да се слави мирот“. Знамето ќе остане таму до 15 мај. Оваа инсталација е направена „на барање на Претседателот на Републиката“, кој ја препрати на својот твитер профил фотографијата на развиеното знаме на првиот кат на Ајефловата кула.