Вкупно 8.700 граѓани се одлучија да ги донираат средствата од проектот МојДДВ во Фондот за справување со коронавирусот КОВИД-19 што е регулирано во уредбата за примена на Законот за враќање на дел од ДДВ-то на физички лица за време на вонредна состојба, информира денеска директорката на Управата за јавни приходи (УЈП) Сања Лукаревска.

-Ркот на изјаснувањето за повратот на ДДВ заврши на 5 мај и вкупно 8.700 корисници на апликацијата МојДДВ одговориле потврдно на опцијата за донирање, а 35.219 корисници одговориле дека сакаат да им биде исплатен повратото од скенирањето на сметките во целост. Износот на донацијата која изнесува 9.529.917 денари ќе се донира во Фондот за справување со КОВИД-19, рече Лукаревска на денешната прес-конференција во Владата.

Таа нагласи дека до УЈП стигнале мејлови од граѓани кои, како што рече, погрешно и ненамерно притиснале опција донирај и бараат средствата да им бидат исплатени на сметката.

-За нив дополнително во најкраток можен рок ќе известиме за начинот на исплатата. Опцијата донирај беше поставена за доброволен избор на секој корисник на апликацијата МојДДВ и сакам да се заблагодарам на сите граѓани кои го донираа својот поврат на ДДВ и помагаат за полесно справување со кризата од коронавирусот, потенцира Лукаревска.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/05/2020 21:00