Онлајн студентски квиз-натпревар за Европската Унија ќе се одржи утре во организација на Европското движење во земјава, по повод 9 Мај – Денот на Европа.

Квизот, што ќе се одржи во 14 часот на интернет платформата „Зум“, ќе учествуваат 13 студенти од универзитетите низ државата, а ќе може да се следи во живо на Фејсбук страницата на Европското движење (www.facebook.com/EuropeanMovementEMMK).

За студентите што ќе покажат најмногу знаење на 30-те прашања за Европската Унија, за државите–членки, како и за процесот на пристапување на нашата држава кон Унијата, македонското Европско движење како организатор обезбеди парични награди.

Како што соопшти Европското движење, со студентскиот квиз се заокружуваат активностите за одбележување на 9 Мај, Денот на Европа, што оваа година се одвиваше преку Фејсбук со заедничка кампања на европските движења од сите европски држави под мотото „Заедно за Европа“.

За разлика од претходните години кога акцент се ставаше на масовни активности, годинава кампањата беше насочена кон социјалните мрежи, со цел во услови на пандемија по електронски пат да се допре до што поголем број проевропски и продемократски настроени граѓани и притоа да се зголеми свеста за европските вредности.

Како дел од одбележувањето на Денот на Европа беше организиран студентски натпревар за најдобра фотографија на тема „Најдобар европски град“, онлајн дебата за размена на искуствата на студентите преку Еразмус плус програмата, избор на најдобар есеј на тема „Заедно за иднината на Европската Унија“, како и видео-конференција на тема „Општествата во време на кризи: причини и последици“ со учество на еминентни експерти за евроинтеграцискиот процес.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/05/2020 11:01