По повод Денот на Европа, лидерите на државите членки на ЕУ денеска испратија пораки за единство и солидарност, оценувајќи дека на европското заедништво, во време на корона-кризата, е попотребно од кога и да е.
Претседателот на Франција Емануел Макрон изјави дека Европа е создадена со цел да се надмине криза „онаа од вчера, оваа денешната, но и утрешната“.
– Да се осмелиме, осмислиме, обединиме, размислуваме и работиме за иднината, тоа е духот на Европа, кој ни треба денес повеќе од кога и да било, рече Макрон.
Во својата порака по повод Денот на Европа, канцеларката Ангела Меркел потенцира дека темелите на ЕУ поставени по Втората светска војна биле особено важни за Германија, која затоа е крајно посветена на иднината на ЕУ.
– Германија ќе го преземе претседателството со Советот на ЕУ во јули. Нашата цел е Европа да излезе посилна од кризата создадена од пандемијата на коронавирусот и тоа ќе биде нашата улога, рече Меркел.
Премиерот на Италија, Џузепе Конте истакна дека Денот на Европа го слави единството и солидарноста како вредности врз кои се темели ЕУ.
Во пораката, тој потсети на зборовите на Роберт Шуман дека Европа нема да се „гради одеднаш по некој специфичен план“, туку дека ќе се заснова на конкретни примери на солидарност на дело.
– Ни треба тој дух на солидарност за да ја надминеме кризата со коронавирусот, вели Конте.
Претседателот на шпанската Влада Педро Санчез потенцира дека во време на криза и страдања, тој ја гледа Европа како „заедничка куќа, дом и засолниште“.
– Проектот се заснова на нашата заедничка историја, но исто така е рамка преку која се движиме кон иднината на заедништво, еднаквост и солидарност, рече Санчез во својата порака.
– Ако не сега, тогаш кога? Соработката меѓу европските земји никогаш не била толку важна како што е денес. Среќно, Европо!, е пораката на унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Во својата порака, бугарскиот премиер Бојко Борисов оцени дека Европа е „најдобро место за живот, демократија, солидарност и човекови права“.
Австрискиот канцелар Себастијан Курц вели дека задача не е само да се зачува она што е ЕУ денес, туку и да се работи секој ден за да се направи посилна и поуспешна.