Загриженоста за ширење на вирусот меѓу високото раководство на САД синоќа се зголеми откако тројца официјални личности во Администрацијата соопштија дека заминуваат во 14 дневен карантин поради веројатна изложеност на Ковид-19, јави дописникот на МИА од Вашингтон.
Д-р Антони Фаучи, директор на државниот Институт за алергија и инфективни заболувања и еден од првите луѓе во координативното тело на Белата куќа за борба против коронавирусот, изјави за Си-Ен-Ен дека почнува „модифициран карантин“ поради она што тој го нарече „ниско ризичен“ контакт.
Другите двајца кои најавија дека заминуваат во карантин се д-р Роберт Редфилд, директор на Центарот за контрола на заболувањата и превенција, како и д-р Стивен Хан, комесар во Управата за храна и лекови.
Постапките на овие високи официјални лица доаѓаат откако во петокот се дозна дека Кејти Милер, прес-секретарка на потпретседателот Мајк Пенс, се тестирала позитивно од коронавирус. Милер учествувала на бројни состаноци со координативното тело во кое се вклучени и докторите Фаучи, Редфилд и Хан.
Фаучи изјави дека ќе работи од дома 14 денови и ќе носи маска со можна посета на Институтот за здравство кога таму нема да има никого. Тој се тестирал негативно во петокот и има намера да се тестира секојдневно.