Германската полиција денеска соопшти дека повеќе од сто лица биле приведени на протестите против рестриктивните мерки воведени за да се спречи ширењето на новиот коронавирус, откако некои од митинзите што се одржаа вчера преминаа во насилство.

Берлинската полиција соопшти дека 86 лица се приведени откако биле фрлени шишиња кон полициските службеници за време на демонстрациите на Александарплац, голем централен плоштад во поранешниот Источен Берлин. Еден полицаец е повреден, а другсе здобил со повреда во друг инцидент пред зградата на Рајхстагот, за време на кој беа приведени 45 лица.

Во западниот град Дортмунд, полицијата соопшти дека маж нападнал телевизиска екипа за време на протест, трет ваков напад во Германија за две недели. Соопштено е дека 23-годишниот напаѓач е уапсен.

Полицијата во Келн изрази негодување што некои демонстранти ги принудиле купувачите да ги извадат своите заштитни маски при влегување во продавници.

И покрај постепеното олеснување на рестриктивните мерки во последните неколку недели, протестите против нив нагло избија, каде мнозинство се екстремно десничарски групи и луѓе кои веруваат дека коронавирусот е безопасен или е дел од глобален заговор.

Повеќе од 279.400 луѓе починаа од Ковид-19 ширум светот, а повеќе од 4,1 милиони случаи на заразени со коронавирус се потврдени во повеќе од 185 земји, покажуваат податоците на американскиот универзитет Џон Хопкинс. Досега оздравеле повеќе од 1,4 милиони луѓе.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/05/2020 00:04