Сè повеќе европски држави ги олабавуваат мерките за ограничено движење и други рестрикции, воведени со цел запирање на ширењето на пандемијата на Ковид-19.

Франција – По два месеци, утре почнуваат со работа фризерските салони, продавниците со конфекција, цвеќарниците и книжарниците. баровите, рестораните, кината и театрите остануваат затворени. Основните училишта ќе примат само мал број деца. Заштитните маски ќе мора да се носат, посебно во јавниот транспорт. Во продавниците и на работните места задолжително е почитување на мерката за физичко растојание.

Белгија – Повеќето продавници отвораат утре, со услов да се почитува физичката дистанца. Се препорачува носење маска. Угостителските објекти остануваат затворени. Во центарот на Брисел се ограничува дозволената брзина на возилата на 20 км на час, а предност ќе имаат пешаците и велосипедистите. Училиштата ќе се отворат после 18 мај.

Холандија – Дел од основните училишта и градинките ќе бидат отворени утре, а со работа продолжуваат и автошколите, фризерски салони, спортски сали и библиотеки, со правилото за физичко дистанцирање.

Швајцарија – Училиштата и факултетите што се затворени во Швајцарија од средината на март повторно се отвораат утре, но во класовите ќе има помал број ученици. Се отвораат и ресторани, музеи и книжарници, секако, во согласност со пропишаните мерки. Собирите со повеќе од пет лица се уште се забранети.

Шпанија -Почнува нова фаза на олабавување на мерките, која треба да трае до крајот на јуни, при што половина од 47 милиони жители ќе можат да организираат семејни и пријателски собири од понеделник, со присуство на најмногу десет лица. Терасите, баровите и рестораните ќе работат со намален капацитет.

Овие одредби не важат за Мадрид и Барселона, кои нсе најмногу погодени од епидемијата, од која починаа повеќе од 26.000 луѓе во целата земја. Сепак, фудбалскиот клуб Барселона продолжи со тренинзите во петокот, а неговиот спортски ривал Реал Мадрид првиот ќе го одржи утре. Дозволени се патувања смао во рамки на провинциите. Кината и театрите остануваат затворени. Враќањето во училиштата е најавено за септември.

Италија – Иако училиштата остануваат затворени до септември, фабриките, градилиштата и канцелариите почнаа со работа на 4 мај. Правилата за физичко дистанцирање остануваат во сила, а во јавниот транспорт е задолжително носење заштитна маска. Продавниците за малопродажба ќе бидат отворени на 18 мај, како и музеите, културните установи, црквите и книжарниците. баровите и рестораните, кои досега продаваа јадења само „за носење“, се отвораат за гости на 1 јуни, како и козметичките и фризерските салони.

Германија – Во германските ресторани засега може да се јаде единствено во покраината Мекленбург, додека во другите сојузни покраини тоа ќе биде можно во следните денови. Маските и физичкото дистанцирање остануваат задолжителни. Продавниците помали од 800 квадратни метри отворија на 20 април. Отворени се и фризерските салони, црквите, музеите, меморијалните домови, зоолошките градинки и игралиштата за деца. Во дел од покраините училиштата почнаа со работа на 4 мај. Остануваат затворени културните установи и спортските терени. До 31 август се забранети поголеми собири.

Австрија – Тениските и голф терени се отворија во првиот викенд во мај. Укинати се ограничувањата за движење и дозволени се собири до десет лица, притоа почитувајќи ја физичката дистанца. Носењето маска е задолжително за јавниот превоз и во продавниците. Учениците од завршните класови се вратија во училиште на 4 мај, по што другите постепено ќе се вратат. Рестораните треба да се отворат на 15 мај.

Полска – Хотелите продолжуваат со работа утре, но странските туристи по влезот во земјата мора да минат 14 дена во карантин. Иако можат да работат од 6 мај, повеќето градинки се уште се зтаворени.

Данска – На 15 април се вратија учениците во школските клупи, а од утре се отвораат и трговските центри. факултетите, баровите, рестораните и црквите ќе бидат отворени на 18 мај, со задолжителните заштитни мерки.

Норвешка – Откако на 27 април училиштата ги отворија вратите за децата на возраст од 6 до 10 години, од утре се враќаат сите ученици, со почитување на хигиенски мерки и дистанца. Истото важи и за авто-школите. Баровите и забавните паркови ќе работат од 1 јуни.

Исланд – На 4 мај беа отворени универзитетите, музеите и фризерските салони.

Финска – На 14 мај продолжува редовната настава во училиштата, две седмици пред почетокот на летниот распуст.

Хрватска – Од утре се отвораат кафулињата и рестораните и отсега се дозволува собирање до 10 луѓе. Детските градинки и училишта ќе работат на доброволна основа.

Србија – Утре се отвораат градинките. Трговските центри отворија на 8 мај, а баровите и рестораните на 4 мај.

Грција – По книжарниците и фризерските салони кои работат од 4 мај, од утре се отвораат сите продавници. Трговските центри ќе бидат затворени до 1 јуни. Акропол и историските знаменитости се отвораат за посетители на 18 мај, а музеите на 15 јуни.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/05/2020 00:14