Коронакризата во САД предизвика и криза во земјоделието, производителите на храна, како житарици, месо, млеко и млечни производи се соочуваат со огромни тешкотии во пласманот на своите производи, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Американските медиуми деновиве пренесуваат слики на очајни фармери од Минесота, Ајдахо, Индијана и други сојузни држави, каде тони месо, компири или стотици илјади литри млеко се исфрла во депонии, а живата стока се убива, поради нарушениот ланец на снабдување со храна во земјата.

Загрижувачкото во оваа криза е тоа што полиците во супермаркетите понекогаш се празни и тешко е да се најдат некои видови производи, како на пример квасец или одредени видови пилешко месо. Но фармите, местата од каде што доаѓаат тие производи, се соочуваат со фактот дека треба да извршат еутаназија на илјадници нивни животни, или да исфрлат на буништа тони јајца, зеленчук, овошје и други свежи производи.

Како што јави Еј-би-си њус викендов, во Минсеота секојдневно се убиваат по 10.000 пораснати свињи. Причината е затворени фабрики за производство на сувомесни производи и мала побарувачка.

-Свињите се одгледуваа според строг распоред. Дозволен е само краток период кога тие ја добиваат вистинската дебелина за да се обработат. Доколку пораснат поголеми, тие стануваат претешки за опремата и преголеми за просторот што го окупираат во фармата. Затоа фармерите мораат да ги изнесат и да направат место за новите прасиња. Затворените фабрики за процесирање месо, или нивната намалена активност, значи дека по фармите се собираат милиони пораснати прасиња со недоволно храна и место за нив, се вели во извештајот.

Се додава дека фармерите немаат друг избор туку да ги еутанизираат овие животни, и редот за тоа е дојден кај огромен број свињи.

Страв од нарушено снабдување со храна и месо во САД се јави откако огромен капацитет на „Тајсон фудс“, еден од најголемите производители на свинско месо во земјата од Арканзас, во април стана жариште на епидемијата.

Фабриката се наоѓа во Ајова и таму од Ковид-19 заболеја повеќе од 2.000 вработени, досега починаа тројца. Претседателот на САД Доналд Трамп, снабдувањето со месо во земјата го прогласи за „критична инфраструктура“ и стави во сила воен закон за одбрана, со ангажман на националните индустрии, вклучително и прехранбената, со што некои од фабриките на „Тајсон“, и покрај епидемијата, со мали прекини во работата за дезинфекција и воведување протоколи за заштита, остануваат отворени.

Во сојузната држава Ајдахо, центарот на производство на познатиот Ајдахо компир, стотици тони од овој омилен производ на Американците, во текот на април се исфрли на депонии поради намалената побарувачка како резултат на пандемијата. Активноста на фармите за одгледување компир зависи пред се од порачките што ги добиваат од хотелите, рестораните или училиштата. Но епидемијата предизвика најголем дел од сите овие установи во САД да бидат затворени.

-Со ненадејната загуба на побарувачката и нарушен ланец на снабдување, цената на компирот, но и на житариците, драстично се намали, јави неделникот Тајм. Се додава дека за фармерите тоа значи едно: од финансиска гледна точка да се прекрати производството и да се фрлат во депонија постоечките залихи, отколку да се вршат испораки на пазарот.

Изданието заклучува дека ваквата ситуација е „трагична“, со оглед на тоа што 30 милини Американци се без работа, додека центрите за бесплатна храна се препосетени и бараат нови залихи.

Слична е и ситуацијата со производството на млеко и млечни производи. Медиумите јавуваат за случаи на млекарници принудени да истурат стотици илјади литри млеко. Пред пандемијата, побарувачката за млеко и млечни производи во САД беше голема, но вирусот го наруши ланецот на снабдување и создаде низа пречки во испораката на производите во супермаркетите.

Весникот Ју-ес-еј тудеј викендов јави за краварска фарма од Индијана која била принудена да истури во своите пченкарни полиња 114.000 литри млеко, или цела количина на производство во тек на три денови. Медиумите јавуваат и за случаи на млекарници од Мејн, каде се истурале по речиси 1.000 литри млеко неделно.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/05/2020 10:10