Коронавирусот многу малку влијае на испуштањето работници од овој сектор, кој секоја година ангажира сезонски работници во периодот додека трае производството, вели Киро Јовов, сопственик на „Агро-комерц 92“ од Струмица.
За него приливот на нови 2.804 невработени во списокот на невработени во Агенцијата за вработување, а кои учествуваат и најмногу во вкупниот број на тие што останале без работа во периодот на отпочнувањето на кризата до крајот на април, се должи на тоа што секоја година од февруари до април им завршуваат договорите на лицата кои се сезонски ангажирани во преработувачката и конзервната индустрија.
-Кај нас процесот на производство и преработка заврши пред појавата на пандемијата на Ковид-19. Ние почнуваме со интензивна работа од ноември-декември, па се до крајот на март. Значи нема никаков застој во производство, освен ако не ги сметаме ограничувањата од заштитата и движењето, но на отпуштањата на работници коронавирусот воопшто не влијае. Кај нас должината на прозводствениот циклус и ангажманот на работниците зависи од тоа кој и каков производ се преработува, како се преработува и кога ќе биде готов за продажба, објаснува Јовов.
Смета дека штетите од пандемијата не се толку големи во овој сектор, освен во намалената побарувачка на нивните производи.
-Во овој период најмногу се бараат основните прехранбени производи, а малку се тие кои би купиле, не знам, феферонки, ајвар или други наши производи, подвлекува Јовов.
Додава дека во овој период се реализираат и договорените извозни зделки.
-Си тече реализирањето на договорените количини со нашите редовни клиенти, иако може да се каже дека се одвива со намалено темпо. Тоа е договерено од порано и тие треба да си ги преземат производите, бидејќи се нивни, вели за МИА Киро Јовов, сопственик на „Агро-комерц 92“ од Струмица.
Од почетокот на овој месец почнале со подготовки за следната производствена сезона и во тек се договарањата со производителите за преземање на потребните количини градинарски производи, а се работи и на официјализирање на понудите за тековната година.
Како и секоја година за овој преработувач најважно е да се договорат цената и количините на црвената пиперка, која е најзастапена во понудата на преработувачите и е специфична за овој регион.