Питер Наваро, советник за трговија на американскиот претседател Доналд Трамп, денеска укажа дека Пекинг треба наскоро да биде казнет за улогата во пандемијата на коронавирус со „нов закон за Кина“ .

Наваро, еден од јастребите во Белата куќа во однос на политиката кон Кина, не укажа за каква казна станува збор, но се претпоставува дека се работи за воведување нови увозни царини или укинување на веќе договорената „прва фаза“ од трговскиот договор меѓу Вашингтон и Пекинг што стапи во сила во фебруари.

-Тие нанесоа огромна штета на целиот свет и штетата сеуште се одвива. Моравме да издејствуваме 10 билиони долари за борба во оваа битка, изјави Наваро за Ен-би-си.

Трговските преговори меѓу САД и Кина беа прекинати поради ширењето на Ковид-19, но со пандемијата, тие се искомплицираа и претседателот Доналд Трамп сеуште решава како да одговори. Тој смета дека вирусот бил предизвикан по „грешка“ на Кина, додека научниците и разузнавачката заедница на САД сметаат дека тој се појавил по природен пат.

-На распаќе сум и сеуште немам одлучено, изјави Трамп откако во интервју за Фокс њуз беше прашан дали ќе се повлече од трговскиот договор со Кина.

Според првата фаза од договорот, Кина е обврзана да ги зголеми порачките на американска стока, вклучително и земјоделски производи, до 200 милијарди долари за две години. Преговорите се обновија мината недела откако министерот за финансии Стивен Мнучин и трговскиот претставник Робарт Лајтхајзер разговараа со вицепремиерот на Кина, Лиу Хе.

Во меѓувреме поради пандемијата, односите меѓу двете супер сили се заострија, едната обвинувајќи ја другата за ширење на болеста.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/05/2020 22:57