Земјите низ целиот свет развиваат апликации за паметни телефони за да го ограничат ширењето на коронавирусот и да ги олеснат мерките за изолација.
Овие апликации собираат информации што треба да ги предупредат луѓето дали постои ризик од ширење на заразата и дали треба да се изолираат.
Во последните недели, светот е поделен помеѓу два различни типа апликации – централизирана и децентрализирана верзија.
Двата типа користат блутут-сигнали за евидентирање кога сопствениците на паметни телефони се блиску едни до други, така што доколку некој развие симптоми на болеста Ковид-19, другите корисници можат да добијат предупредување дека биле изложени на ризик.
Централизиран и децентрализиран модел
Според централизираниот модел, собраните анонимни податоци се префрлаат на оддалечен сервер, каде што, доколку некој почне да развива симптоми на Ковид-19, се воспоставуваат совпаѓања со други контакти.
Спротивно на тоа, децентрализираниот модел им овозможува на корисниците поголема контрола над информациите, чувајќи ги во телефон, каде што се воочуваат совпаѓања со луѓе кои можеби се заразиле со вирусот.
Ова е модел што го промовираат Гугл, Епл и меѓународен конзорциум.
Двете страни имаат свои поддржувачи.
Приврзаниците на централизираниот модел велат дека тој на властите може да им обезбеди поголем увид во ширењето на вирусот и успешност на апликацијата.
Приврзаниците на децентрализираниот пристап велат дека им нуди на корисниците поголем степен на приватност, не дозволувајќи им на хакерите или државата да ги откриваат нивните социјални контакти.
Всушност, во оваа фаза и двете верзии се непотврдени.
Јужна Кореја, која се смета за една од најуспешните земји во борбата против коронавирусот и болеста Ковид-19, успеа да го стори тоа без апликација за следење контакти.
Но, земјата користи други начини на надзор, кои многумина ги сметаат за инвазивни.
Многумина сакаат исто како и Епл и Гугл
Централизираниот пристап беше пионерски.
Меѓу првите апликации беше TraceTogether, користена во Сингапур.
Врз основа на неа, развиени се апликациите CovidSafe, која се користи во Австралија, и CoronaApp, во Колумбија.
Франција размислува да почне со своја апликација StopCovid.
Норвешка веќе усвои централизиран дизајн за својата апликација Smittestopp, а сличен пристап за следење користи и индиската апликација Aaroia Setu.
Централизирана апликација користи и Велика Британија.
Епл и Гугл работат на своја апликација, позната како API, и многу земји го преферираат овој систем.
Меѓу нив се Германија, Полска, Италија, Швајцарија, Австрија, Латвија, Естонија, Финска, Ирска, Канада…
Вирусите не ги почитуваат границите
Пратениците во Парламентот во Луксембург наскоро ќе гласаат за децентрализиран пристап, а се очекува и Грција да заземе сличен став.
Зошто е важно сето ова?
Можно е да се појави проблем во комуникацијата меѓу два различни типа системи.
„Главната причина е што централизираните системи бараат од вас да ги складирате луѓето што сте ги виделе, а на децентрализираните системи не им се потребни тие податоци, така што тие не функционираат добро заедно, објаснува Мајкл Вил од групата ДП3T, кој поддржува систем сличен на Епл и Гугл.
„Значи, ако апликациите ги сметате за важни за намалување на мерките за изолација, тогаш ја отстранувате можноста вирусот да се следи кога ќе премине граници, а вирусите не ги почитуваат границите“, заклучи Вил.