Вршителот на должноста премиер на Косово Албин Курти денеска се очекува да ја прекине самоизолацијата и да се врати на работа во својот кабинет, откако владиниот службеник поради кој се самоизолира, по извршените тестирања имал негативен наод на новиот коронавирус, јави дописникот на МИА од Приштина.

Портпаролот на косовската Влада, Перпарим Криезиу, синоќа изјави за приштинските медиуми дека тестирањето на службеникот од Министерството за евроинтеграции (МЕИ), кој бил во тесен контакт со лице заболено од Ковид-19, а подоцна и со Курти и со други членови на МЕИ и на премиерскиот кабинет, потврдилo дека тој не е заразен.

Поради тоа, рече Криезиу, престана и потребата од самоизолација на премиерот, како и на министерот за евроинтеграции Блерим Река и на другите службеници од МЕИ и од кабинетот на Курти кои биле во контакт со службеникот за кој се појави сомневање дека е можно да е заразен.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/05/2020 10:07