Агенцијата УНИЦЕФ побара 1,6 милијарди долари за помош на децата погодени од хуманитарните кризи, а сега и со пандемијата на коронавирусот.

Побараниот износ е повеќе од двојно поголем од оној што УНИЦЕФ го побара пред два месеца, пренесуваат британските медиуми.

УНИЦЕФ соопшти дека од крајот на март добил 215 милиони американски долари.

-Видовме до каде пандемијата ги одведе земјите со развиени здравствени системи и ние сме загрижени за тоа што ќе се случи со земјите со послаби здравствени системи и помалку ресурси, рече извршниот директор на УНИЦЕФ, Хенриета Фауре.

Таа истакна дека пандемијата е здравствена криза која брзо станува криза на правата на децата и додаде дека средствата ќе помогнат да се одговори на кризата и да ги заштити децата од нејзините последици.

Анализата на УНИЦЕФ покажа дека околу 77 проценти од децата, или 1,8 милијарди, живеат во една од 132 земји каде се воведени одредени ограничувања во движењето.

Обединетите нации минатата недела побараа помош од 6,7 милијарди американски долари за 63 земји во светот, претежно во Африка и Латинска Америка.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш изрази загриженост поради несоодветната поддршка за сиромашните земји и изрази жалење за поделбите во меѓународната заедница во борбата против коронавирусот.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/05/2020 11:44