„Агресивната“ расправија меѓу кинеските и индиските војници во саботата заврши со полесни повреди, потврди портпарол на индиското Министерство за одбрана.
Инцидентот се случил во Сиким, северо-источна индиска држава на границата со Кина во близина на Тибет, а повредени се 11 војници – четворица Индијци и седум Кинези.
Портпаролот на индиското Министерство за одбрана изјави дека „привремената и кратка“ конфронтација на силите на двете држави е редовна појава поради фактот што прашањето за границата не е решено, пренесува Си-Ен-Ен.
Индија и Кина честопати се обвинуваат едни со други за преминување на границата и постои недоверба меѓу двете држави околу граничниот спор на Хималаите, што доведе до кратка војна во 1962 година.