Синдикатот на француските лекари, предупредува на „ризикот од враќање назад“ откако вчерашниот ден беа забележани спонатни собирање на каналот Сен Мартин во Париз, по што префектот донесе забрана за консумирање алкохол на бреговите на Сена, јави дописникот на МИА.

-Ако сакаме да се најдеме малку на јавен простор, барем да носиме маска, инсистираше Жак Батистони претседател на синдикатот на лекарите МГ Франс, откако префектот на Париз презеде мерка за забрана на консумирање алкохол на бреговите на Сена, одлука мотивирана од премногу ентузијастички собири на самиот ден од излегувањето од изолација.

Батистони, смета дека „ќе мора да бидеме многу внимателни“ во наредните недели, затоа што „ е реален ризикот да се вратиме назад и да преземеме потешки мерки“.

Парковите и градините во сите градови кои се наоѓаат во црвената зона се уште се затворени за публиката, за да се избегне нивна концентрација. Оттука и спонтаниот собир во Париз, на брегот на каналот, каде мораше да интервенира полицијата за насобраните да се разотидат.

Додека во јавниот транспорт главно се почитува носењето на маска, првите ефекти дали луѓето навистина ги почитуваат мерките на социјално растојание, ќе бидат видливи за неколку недели. Властите и лекарите стравуваат дека по речиси два месеци изолација, постои одредена инерција, затоа сега се бара внимателност во однесувањето на сите.

На почетокот на јуни ќе се знае дали, всушност, може постепено да се намалат ограничувањата што тежат врз луѓето малку.

-Секогаш постои ризик да се вратиме назад и да се преземат поостри мерки, како во другите земји. Би сакал да инсистирам да се носи маска, тоа е нужно најефикасна мерка. Ако сакате да се најдете малку на јавен простор, барем ставете маска. Кога е тешко да се почитуваат растојанија од еден или 1,5 метар, апсолутно е потребно секој да носи маска, вели Жак Батистони, претседател на синдикатот на лекарите на МГ Франс.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/05/2020 15:49