Според најновите податоци, во светот со новиот коронавирус досега се заразиле 4.311.908 лица. Од нив починале 290.597, а оздравеле 1.567.141 луѓе.

– Данските власти соопштија дека епидемијата од новиот коронавирус во државата е под целосна контрола, јави ДПА. Данската премиерка Мете Фредериксен на прес-конференција изјави дека опасноста сепак, не поминала. – Коронавирусот е ист. Исто толку заразен и опасен, рече таа. Данска ќе формира посебна комисија, што ќе биде дел од Министерството за правда и ќе има задача да обезбеди државата да располага доволно со со заштитна облека и тестови. Во Данска беа регистрирани околу 10.500 заразени и 533 смртни случаи.

– Малку е веројатно дека Британците ќе можат да одат на одмор во странство ова лето поради пандемијата на новиот коронавирус, изјави британскиот министер за здравство Мет Ханкок. На прашањето од ИТВ дали луѓето треба да разберат дека вообичаената сезона на летни одмори е завршена, тој рече: „Мислам дека веројатно ќе биде така“.

Британската влада се обидува постепено да продолжи со работењето во различни сектори на економијата, но одредена форма на физичко растојание ќе остане во функција некое време. „Во крајна линија е дека е малку веројатно дека ќе има можност за голем, екстравагантен одмор во странство ова лето“, рече британскиот министер за здравство.

Во неделата премиерот Борис Џонсон рече дека владата планира да воведе 14-дневен карантин за оние што пристигнуваат од странство за да избегнат втор бран на зараза. Ова ги налути авиокомпаниите кои планираа да продолжат со летови во наредните месеци.

– Бројот на смртни случаи од последиците од Ковид-19 во Шпанија го надмина бројот на смртни случаи од која било друга болест во таа земја на годишно ниво, објави весникот АБЦ. Во периодот меѓу 2014 и 2018 година, Шпанија имала во просек 416.000 смртни случаи како резултат на сите комбинирани болести. Повеќе од 22.000 луѓе починале од рак на белите дробови, а околу 18.500 од срцеви болести. Деменцијата била причина за смрт во 17.500 случаи и срцев удар во 15.200. Сепак, 26.744 луѓе починале во оваа земја како резултат на инфекција со новиот коронавирус, за нешто повеќе од два месеца.

– Во Албанија епидемиолошката сосотјба со Ковид-19 и понатаму е стабилна. Во последното деноноќие регистрирани се четири новозаразени со Ковид-19, иденичен број како и вчера, со што вкупната бројка изнесува 876 позитивни на опасниот вирус.Од вкупната бројка 682 лица или 78 отсто успеале да ја добијат битката со опасниот вирус. Сеуште активни се 163 но само 24 се хоспитализирани,од нив самоеден пациент е на интензивна терапија. Повеќе од десет дена нема починати од болеста, бројката останува 31 починато лице,кои боледувале и од други хронични болести. Од почетокот на епидемијата до сега направени се 11.332 теста,од нив 10.802 молекуларни и 530 серолошки тестови.

-Според последниите информации на косовските здравствени власти, во земјата има 11 новозаболени и две лица кои се излекувани од Ковид-19, а регистриран е и еден смртен случај – 63-годишна жена која страдала и од други хронични болести. Вкупно заразени од коронавирусот, од појавата на епидемијата, се 895. Од нив, 657 се излекувани и 29 починале, така што моментално во Косово активни носители на новиот коронавирус се 209 лица. Вкупно досега се извршени 10.130 тестирања, од кои вчера 196.

-Грција денеска соопшти 18 нови случаи на Ковид-19 и уште еден смртен случај. Во земјата, 2.744 лица се заразени, а од новиот коронавирус починаа 152 лица.

– Во изминатите 24 часа на Кипар се регистрирани само два нови случаи од 1.153 направени тестови, вкупно 903 заразени од почетокот на епидемијата. Регистриран е уште еден смртен случај кај лице позитивно на новиот коронавирус, но Ковид-19, но не бил причината за смртта. Досега, од почетокот на епидемијата починаа 23 лица позитивни на новиот коронавирус, но во статистиката се заведуваат само 16 лица, кај кои Ковид-19 беше главната причина за смртта.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/05/2020 00:26