Земајќи предвид дека Владата, следејќи ги препораките на Комисијата за заразни болести, донесе одлука за фазно враќање на општествените процеси во „новата нормалност“, сметаме дека како општествено одговорни субјекти, ценејќи ги економските предизвици со кои се соочува државата, треба да потенцираме неколку факти, велат од Асоцијација на приредувачи на игри на среќа – АПИС.

Уредбата за отворање на само еден сегмент од дејноста – игри на среќа во првата фаза е дискриминаторска и не е во согласност со европските стандарди за регулација. Истовремено, се создава впечаток дека извршната власт се става во улога на заштитник на спортските обложувалници, без да земе предвид дека со „заборавањето“ на автомат клубовите и казината, кои се во рамки на истата дејност – игри на среќа, создава ризик илјадници луѓе да останат без своите работни места, се вели во реакцијата на АПИС.

Автомат клубовите и казината може да бидат дел од првата фаза на олабавување на мерките, велат од АПИС, бидејќи како Асоцијација одамна ги преземале сите неопходни превентивни мерки за функционирање на дејноста во ограничени услови и со максимална заштита од евентуален, потенцијален ризик за пренесување на вирусот ковид -19.

Претставници на АПИС, на состанок во министерството за финансии, го образложија безбедносниот протокол за отворање на автомат клубовите и казината, кој предвидува ограничување на бројот на лица кои можат да бидат присутни во казината и автомат клубовите, инсталирање на заштитни паравани, дистанца од пунктовите за уплата-исплата, 100% дезинфекција, 100% заштита на вработените, задолжително носење на заштитна опрема на посетителите, задолжителна редарска служба. Станува збор, како што велат, за детално разработен протокол кој ги содржи сите аспекти, согласно стандардите кои се воведени во западните европски земји, каде веќе оваа дејност е повторно во функција.

Согласно фактот дека во првата фаза, ќе се отворат и спортските обложувалници, затворените трговски центри, па потоа во следната фаза ресторани и слични дејности, апелираме до Владата да ја преиспита одлуката и да им овозможи и на автомат клубовите и казината да започнат со дејност заедно со овие дејности. На тој начин ќе повратиме приходната страна на Буџетот и ќе ги задржиме 4.000-те вработени на своите работни места во овие две одделни дејности од посебните игри на среќа, се вели во реакцијата на АПИС.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/05/2020 00:53