Унгарскиот премиер Виктор Орбан е повикан утре да учествува во дебатата на Европскиот парламент за ситуацијата во неговата земја, но официјална Будимпешта му одговори на претседателот на ЕП, Дејвид Сасоли, дека на пленарната сесија ќе ја испрати министерката за правда, Јудит Варга.

Европскиот совет и Европската комисија утре треба да ја претстават изјавата за состојбата со вонредната состојба во Унгарија и нејзиното влијание врз основните права и слободи, по што е најавена дебата на пленарната сесија на парламентот, се вели во писмото на Сасоли до Орбан.

Унгарскиот Парламент кон крајот на март донесе закон што на премиерот Орбан му дозволува да владее со декрети се додека не се донесе нова одлука, како дел од вонредната состојба прогласена во борбата против коронавирусот. Овие овластувања предизвикаа загриженост кај претседателот на Европската комисија, Урсула фон де Лајен.

Сасоли изјави дека унгарската министерка за правда побарала учество за да се разјасни нивниот став.

-Според правилата на ваквиот тип дебати, сепак, учеството е на ниво на шефови на држави или влади, рече Сасоли, кој го бара доаѓањето на Орбан.

Орбан, во писмото со кое му одговара на Сасоли, напиша дека унгарската Влада ќе биде претставена на пленарната седница на ЕП од министерката Јудита Варга, соопшти синоќа неговиот портпарол Берталан Хаваси.

Тој кажа дека Орбан ја користи својата „сила и енергија“ за борбата против епидемијата на коронавирусот, додавајќи дека побарал од Сасоли да и дозволи на Варга да се обрати на сесијата посветена на Унгарија.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/05/2020 10:57