Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро негираше дека на седница на Владата се обидел да ги заштити членовите на семејството и пријателите од истраги на федералната полиција.

Снимката од настанот моментално ја разгледува обвинителство.

Неколку часа пред демантот на Болсонаро, обвинители, истражители, адвокати и владини претставници го прегледале двочасовното видео, откако поранешниот министер за правда Серџо Моро во април го обвини Болсонар дека на состанок на Кабинетот се обидел да се меша во истрагите на федералната полиција во Рио де Женеиро.

Болсонаро, членовите на неговото семејство и пријателите имаат големи деловни интереси во Рио.

Прес конференција на Болсонаро, 12 мај 2020 Моро, кого многу Бразилци го сметаат за херој во борбата против корупцијата, им рекол на иследниците дека Болсонаро на состанокот на Владата се заканувал дека ќе го отпушти доколку не ги смени шефовите на федералната полиција и во полициската служба во Рио.

И додека Болсонаро тврди дека видеото не ги докажува обвинувањата, адвокатот на Моро, Родриго Санчез Риос, кој го гледал видеото, изјави дека тоа ги докажува тврдењата на неговиот клиент.

Развојот на настаните во оваа ситуација е важен затоа што Болсонаро се обидува да избегне обвиненија за лошо однесување кои можат да доведат до негово суспендирање поради судење пред Уставниот суд или импичмент во Конгресот, коментираат светските агенции.

Откако беше објавено видеото, Болсонаро изјави никогаш не сакал да имплицира дека планира да се меша во полициските истраги, туку дека е загрижен за безбедноста на неговото семејство во Рио.

– Безбедноста на моето семејство е една работа. Јас не се грижам и никогаш не се грижев поради федералната полиција. Таа никогаш не истражувала некој од моето семејство, тоа го нема во видеото, рече Болсонаро.

Јавниот обвинител ќе одлучи дали претседателот ќе биде обвинет за опструкција на правдата и злоупотреба на службената положба.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/05/2020 12:28