Граѓаните ќе бидат безбедни во угостителските објекти кои се подготвени да ги пречекаат, вели Мартин Ангеловски потпретседател на Туристичко угостителската комора при ССК, кој денеска го претстави сетот на мерки за реализација на кампања чија цел е поддршка за секторот, да се постават нови стандарди за работа, за долгорочно да се придонесе за подобрување и унапредување на состојбата во угостителството.

Ангеловски истакна дека членовите на Комората ја следат работата на Комисијата за заразни болести при МЗ, ги почитуваат стручните препораки кои ги дава комисијата насочени кон заштита на здравјето на сите граѓани и оти во таа насока сакаат да делуваат превентивно и да покажат дека граѓаните ќе бидат безбедни во нивните објекти, бидејќи ќе се обезбеди контролирана средина каде ќе се делува на социјализација со соодветна дистанца и примена на највисоки стандарди на хигиена

– Сакаме да апелираме до сите посетители од моментот на релаксирање на рестриктивните мерки да се однесуваат одговорно заштитувајќи се себе и другите, да се придржуваат кон правилата кои ги диктира состојбата за да не се доведе никој во дополнителен ризик. Имајќи го предвид сето ова се надеваме на што поскоро отворање на секторот од кој зависи добар дел на економијата и постепено ќе се навикнуваме на новиот начин на живот, рече Ангеловски.

Тој најави дека Туристичко угостителската комора при ССК презема иницијатива за заживување на секторот и сите поврзани дејности и субјекти и во тој правец најави, ќе започне позитивна кампања која ќе придонесе за подобрување на економијата во наредниот период.

– Сведоци сме дека секторите угостителство и туризам се соочуваат со големи предизвици. За таа цел ја најавуваме оваа кампања пред да биде предоцна за реакција односно пред да почнат да се носат одлуки за затворање на компаниите кои според глобалните анализи во овој сектор би се движеле помеѓу 15 и 35 проценти. За таа цел ви го претставуваме сетот мерки кој ќе почне со оваа кампања за која се надеавме дека ќе наидеме на поддршка и од страна на надлежните институции. Таа ќе се спроведе преку сите електронски и печатени медиуми, социјални мрежи со цел да допре до пошироката јавност и ќе се однесува на поддршка на националните производи односно препораки за користење на домашни производи и услуги од компании во секторот угостителство, поддршка на националниот туризам за хотелите и сместувачките капацитети, како и поддршка за алтернативниот туризам, поттикнување на социјална одговорност преку континуирано давање донации, овозможување на бесплатно сместување за социјално најранливите категории, поддршка за лицата кои се вработени во овие сектори. Мерките вклучуваат и поддршка за угостителството со промоција на иновативни идеи, централизиран и олеснет пристап за услугите при испорака на производи, насоки за прилагодување на корисниците на услуги кон мерките во посткорона периодот, како и сеопфатна кампања за враќање на гостите во угостителските објекти со што сакаме да дадеме до знаење дека угостителството започнува и завршува со пријатното искуство на секој гостин, а ние сме тука да го овозможиме тоа, појасни Ангеловски.

Од Туристичко – угостителска комора на Македонија, најавија дека утре ќе имаат средба со Комисијата за заразни болести на која очекува да бидат соопштени протоколите за нивна работа, за утврдување на работното време и останати прашања. Велат дека од комисијата досега немаат добиено предлог протоколи за нивната работа.

-Угостителските објекти преземаат подготвки во правец на чистење и дезифекција на своите објекти кои подолго време беа затворени. Она што се очекува да биде како завршен протокол треба да го даде комисијата. Ние имаме наши предлози, исто така предлози има и од АХВ, има предлози и од другите комори така што чекаме сублимат од сите тие работи да излезе во вид на одлука на Комисијата за заразни болести, рече Ангеловски.

Според нивните проценки, за еден објект со посериозен капацитет, дополнителните обврски би чинеле околу 3.000 денари дополнителни трошоци дневно, а се однесува на набавка на дезинфекциски средства, заштитна опрема, дезобариери и др. За таа цел, во нивнот предлог од аспект на превенција, бараат да им се помогне колку што е можно со обезбењдување на тие сртедства или во вид на понатамошна рефундација или субвенција за што очекуваат одговор од ресорните министерства.

– Ние изразивме спремност и под строги мерки да ги отвориме објектите само да ни се дозволи подобар капацитет и нормално работно време… Ние дадовме конструктивни предлози и тие се реални и рестриктивни и за самите нас. Сите сме сме свесни во која фаза се наоѓаме и дадени се високохигиенски стандарди така што мислиме дека ќе прифатат добар дел наместо да отфрлат, рече Ангеловски.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/05/2020 13:47