Европската Комисија (ЕК) ги објави своите препораки до земјите членки на ЕУ за укинување на рестрикциите и постепено отворање на границите во ЕУ. Препораките важат и за Западниот Балкан, јави дописничката на МИА од Брисел.

Во пресрет на летните одмори, Европската Комисија бара земјите членки на Унијата да се водат од нејзините препораки за да се спаси туристичката сезона, а истовремено да се сведе ризикот од втор бран на Ковид-19 на минимум.

Комисијата во пакетот презентиран денеска пред јавноста смета дека укинувањето на рестрикциите треба да оди во фази, на координиран и флексибилен начин (што значи дека мерките треба да можат повторно да бидат воведени доколку биде потребно) и врз основа на епидемиолошките податоци.

Луѓето во Европа треба да имаат можност да земат „заслужен одмор“, стои во стратегијата, истовремено и да им се овозможи на земјите безбедно да ја рестартираат туристичката индустрија.

Конкретно, земјите треба да оценуваат дали може да се отворат граници и со кои земји врз основа на епидомиолошката состојба, а се препорачува земјите со слична состојба да се координираат, посебно доколку се соседи. Европската Комисија сака да им даде приоритет на прекуграничните активности во клучните области, како и на патувањата од лични и семејни причини.

Од земјите членки исто така се очекува да не дискриминираат, што значи дека не би смеело да забрани влез за граѓани од земја со слична епидемиолошка слика како и друга земја за која е дозволен влез.

Комисијата сака, исто така, да види ефикасна координација помеѓу земјите членки во однос на активирањето на сите средства за превоз – авион, воз, брод, итн. – со јасни правила за употреба на заштитната опрема и протоколи за патници со симптоми на коронавирусот. Истото важи и за хотелите, и други угостителски објекти.

Според извршната власт ќе биде важно земјите членки да обезбедат и интероперабилност на апликациите за следење на граѓаните за тие да можат да бидат навремено информирани за кластери на зараза додека патуваат. Секако, апликациите мораат да ги почитуваат правилата за заштита на личните податоци, да бидат привремени и да се користат на доброволна база.

Комисијата сака да ги направи ваучерите за патувања трајна и одржлива алтернатива во случај на откажано патувања, со валидност од дванаесет месеци, под истите услови и за истата рута.

Туризмот во ЕУ претставува десет отсто од бруто домашниот производ на заедницата, а 78 отсто од граѓаните во ЕУ го поминуваат летниот одмор во друга земја членка. Се очекува туризмот да биде меѓу најпогодените гранки на економијата поради здравствената криза.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/05/2020 16:16