Министерот за економија Крешник Бектеши има поразличен став за отворањето на угостителските објекти од предлозите на Комисијата за заразни болести, но како што вели, ќе ја почитува нивната одлука бидејќи Комисијата е најповикана за тоа како треба да се штити јавното здравје.

– Како Влада немаме донесено одлука за денот кога ќе се отворат угостителските објекти и начинот како ќе бидат отворени. Имаме предлози од Комисијата за заразни болести кои во текот на оваа недела ќе се разгледаат и ќе се донесат соодветни одлуки. Јас и претходно кажав дека лично имам поразличен став од она што е предложено, но секако како Влада ќе ја поддржиме одлуката на Комисијата за заразни болести бидејќи тие се најповикани како треба да се штити здравјето на сите граѓани, рече денеска Бектеши, одговарајќи на новинарско прашање.

Соопшти дека предлогот е во втората фаза од олабавувањето на рестриктивните мерки, да бидат отворени само терасите на угостителските објекти и тоа во десет метри квадратни да има само една маса со четири гости, што според проценките на Министерството за економија, би било економски неисплатливо за дел од угостителските објекти.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/05/2020 20:05