Шпанските власти планираат до јули да ги задржат границите затворени за повеќето патници од странство, со цел да се избегне втор бран на коронавирусот, соопштија денеска двајца неименувани извори од Министерството за надворешни работи во Мадрид.

Копнените граници со Франција и Португалија беа затворени уште од средината на март, кога беше прогласена вонредна состојба поради пандемијата.

Шпанија почна со олеснување на рестриктивните мерки за своите граѓани бидејќи ја стави пандемијата под контрола, но воведе двонеделен карантин за странските патници и практично ги затвори воздушните и морските граници за да избегне увоз на нови случаи од други земји.

Мерките за карантин истекуваат на 24 мај, како и вонредната состојба, но и двете можат да бидат продолжени.

Во секој случај, ограничувањата за патувања веројатно ќе бидат во сила подолго од 24 мај, без оглед колку е важен туризмот за шпанската економија, изјавија неименувани извори.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/05/2020 23:51