Британската економија во март падна за 5,8 проценти, соопшти денеска Канцеларијата за национална статистика (ОНС).
Тоа е најтешкиот забележан месечен пад од 1997 година и значително поголем отколку во кој било друг месец во 2008 година кога глобалната финансиска криза беше во својот врв, јави британскиот јавен сервис Би-Би-Си.
Банката на Англија предупреди дека економијата на Велика Британија е на пат да ја забележи најдлабоката рецесија досега, предвидувајќи дека бруто домашниот производ оваа година може да падне за 14 проценти, а проекцијата ја заснова врз претпоставката за постепено олеснување на рестриктивните мерки во јуни.
Вонредната состојба во Велика Британија почна на 23 март, што значи дека целосното негативно влијание од пандемијата врз економијата најверојатно ќе се види во податоците за вториот квартал, пренесуваат британските медиуми.
– Речиси секој аспект на економијата беше погоден во март. Услугите и градежништвото забележаа рекорден пад во тој месец, а значителен пад е регистриран и во образованието, продажбата на автомобили и рестораните, изјави Џонатан Атов, статистичар на ОНС.
Падна и надворешнотрговската размена на Велика Британија, при што значително опадна увозот од Кина.