Советот за безбедност на Белгија даде зелено светло за активирање на втората фаза на олабавување на рестриктивните мерки, врз основа на епидемиолошките податоци и состојбата во здравствените установи, јави дописничката на МИА од Брисел.
На почетокот на оваа недела започна фазата 1б со отворањето на речиси сите продавници, со посебни мерки на претпазливост за клиентите и вработените. Советот за безбедност оцени дека оваа фаза се одвива добро и дека може да се дозволи преминување во втората фаза.
Втората фаза, која започнува на 18 мај, подразбира постепено отворање на училиштата, но не и на претшколските установи, отворање на музеите како и на фризерниците и козметичките салони, повторно со строги безбедносни мерки и физичка дистанца меѓу клиентите.
Владата ќе дозволи повторно да се отворат и пазарите, но со максимум 50 тезги, додека движењето на лицата ќе мора да се одвива само во еден правец. Пазарџиите мораат да носат маски, а за потрошувачите тие се “силно препорачани“.
Во оваа фаза се очекува да се отворат природните паркови, зоолошките, спортските клубови чии тренинзи се одржуваат на отворено, и со присуство на максимум дваесет лица, почитувајќи ја социјалната дистанца.
Што се однесува до свадбите и погребите, од 18 мај ќе биде дозволено присуство на триесе лица максимум, но забранети се собирања после церемониите.
Следната фаза треба да започне на осми јуни, доколку епидемиолошките статистики тоа го дозволат и нема втор бран на зараза. Во третата фаза би требало да отворат повторно рестораните и кафулињата, но не и спортските и културните манифестации.
Отворањето на границите не се очекува пред средината на јуни.