После германската разузнавачка агенција БНД, и американската ЦИА тврди дека Кина се обидела да ја спречи Светската здравствена организација да го предупреди светот за епидемијата на коронавирусот во јануари, кога Пекинг набавувал медицинска опрема низ целиот свет.
Во извештај на ЦИА, чија содржина ја потврдиле двајца разузнавачи за „Њузвик“,се тврди дека Кина и се заканила на Светската здравствена организација дека ќе престане да соработува во истрагата на СЗО, доколку прогласи светска здравствена криза.
Ова е втор ваков извештај на западните разузнавачки служби, и најверојатно дополнително ќе ги разгори тензиите меѓу САД и Кина поради пандемијата во која починаа 280.000 луѓе ширум светот, од кои повеќе од една четвртина се Американци, пишува „Њузвик“.
Претходно, германската разузнавачка служба БНД, како што објави „Шпигл“ минатата недела, обвини дека кинескиот претседател Си Џинпинг на 21 јануари лично извршил притисок врз генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гребрејесус
Светската здравствена организација ги негираше сите обвинувања од овој извештај, но сè уште не даде конкретен одговор на конкретното прашање дали некој од кинеските претставници презел активности за да спречи прогласување светска здравствена криза.
– СЗО ги базира своите препораки за наука, најдобра пракса на јавното здравство, докази, податоци и совети на независни експерти. СЗО се фокусираше на здравјето на сите луѓе во светот, изјави портпаролот на СЗО, Кристијан Линдмаер.
Тој додаде дека Тедрос и кинескиот претседател Си не разговарале на 20, 21 или 22 јануари.
Американските разузнавачки функционери со кои разговарале новинари од „Њузвик“ не можеле да кажат дали кинескиот претседател Си Џинпинг имал некаква улога во вршење притисок врз СЗО.