Федералното истражно биро на САД (ФБИ) и Министерството за внатрешна безбедност денеска предупредија дека хакери поддржани од кинеската Влада можеби се обидуваат да украдат анализи на американските истражувачи за развој на вакцина и лекови за новиот коронавирус.
Двете агенции издадоа предупредување денеска за потенцијална закана. Тие издадоа слично предупредување на почетокот од овој месец.
Во заедничката изјава се вели дека напорите на Кина претставуваат „значајна закана“ за здравствениот, фармацевтскиот и истражувачкиот сектор.
„Обидите на Кина да се фокусира на тие сектори претставува сериозна закана за одговорот на нашата земја на Ковид-19“, се вели во соопштението.
Хакерите, но и истражувачи и студенти, според американската администрација се активни во кражба на информации во рамките на универзитетските институти и јавните лаборатории каде што работат.
ФБИ и Агенцијата за кибер безбедност соопштија дека ќе ги објават техничките детали за заканата во наредните денови и побарале од организациите да пријават каква било сомнителна активност.