Деветнаестиот состанок на Поткомитетот за царина и потекло на стоки ќе се одржи денеска во организација на Царинската управа во рамки на македонското претседателство со овој Поткомитет на ЦЕФТА.

Состанокот со оглед околностите за ограничување на движење преку граница ќе се одржи преку видео конференциска врска, а на него се очекува да присуствуваат високи претставници од царинските управи и министерства на земјите од ЦЕФТА – Албанија, Босна и Херцеговина, Молдавија, Црна Гора, Србија и Косово.

Предвидено е учество и на директорот на Секретаријатот на ЦЕФТА, високи претставници на Европската Комисија, Светска банка и ИФЦ.

Покрај традиционалните теми, олеснување на меѓународната трговија и забрзување на царинските постапки, на Поткомитетот, ќе се разговара и за меѓународното признавање на Овластениот економски оператор (ОЕО) со ЕУ и ЕФТА, проширување на кумулацијата за потекло на стоки со останатите партнери во ПЕМ конвенцијата (медитеранските земји). Високо на агендата ќе бидат и активности на земјите од ЦЕФТА за новиот повеќегодишен план за Регионална економска област МАП РЕА 2.

Република Македонија е прва земја во ЦЕФТА што во април 2020 година ја започна постапката за меѓународно признавање на одобренијата за Овластен економски оператор (ОЕО). На овој начин македонските компании ќе ги уживаат сите погодности на ЦЕФТА пазарот.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/05/2020 10:39