Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков, кој се покажа позитивен на тестот за коронавирус, вели дека бил хоспитализиран со билатерална пневмонија, а тоа е, вели, кога имате воспаление на двете белодробни крила.

Песков за рускиот весник „Комерсант“ изјави дека луѓето можат да бидат лекувани дома доколку имаат еднострана пневмонија, односно ако е зафатено само едно белодробно крило.

-Ако тоа е билатерална пневмонија, немате друг избор освен да бидете во болница, рече портпаролот на Кремљ.

Песков изјави дека персоналот на администрацијата на Путин речиси секојдневно се тестира на коронавирус, пренесе Тасс.

-Затоа имав чувство дека ситуацијата е под контрола, но за жал, еден колега со кого имав контакт се разболе во одреден момент и морав да заминам во самоизолација по 1 мај, рече Песков.

Тој додаде дека кога подоцна го добил позитивниот тест за коронавирус, неговата температура се зголемила, а потоа и неговата сопруга Татјана Навка, која е олимписки шампионка во уметничко лизгање, почнала да покажува симптоми на коронавирус.

Песков рече дека кога неговата сопруга и тој сфатиле дека болеста напредува, двајцата заминале во болница.

-Што се однесува до оваа болест најважното е да не го пропуштите моментот, рече Песков, додавајќи дека станува збор за „апсолутно насилен“ вирус.

Тој призна дека некое време носел значка, за која производителот тврдел дека може да блокира вируси.

-Кога новинарите почнаа да зборуваат дека таа всушност е штетна престанав да ја носам, рече Песков.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/05/2020 10:52