Откако главниот извршен директор на групата „Санофи“, Пол Хадсон изјави дека САД приоритетно ќе бидат услужени доколку се најде вакцина против Ковид-19, францускиот државен секретар за економија Ањес Пание-Рунахер, оцени дека тоа е „неприфатливо“, јави дописникот на МИА.
-За нас би било неприфатливо ако има привилегиран пристап од една или друга земја под изговор дека тоа е поради финансирањето, рече државниот секретар Ањес Пание-Рунахер за радиото „Суд“.
Главниот извршен директор на групата Пол Хадсон изјави дека „Санофи“ прво ќе им даде предност на САД доколку најде вакцина, затоа што земјата „го дели ризикот“ од истражувањето преку партнерство за напредно истражување и развој во областа на биомедицината.
-Владата на САД има право на најголеми претходни нарачки, затоа што Соединетите држави инвестираа за да се обидат да го заштитат своето население, рече тој во интервју за Блумберг. Тој понатаму додаде дека таа предност во услужувањето со вакцината може да трае неколку дена или недели.
Групата Санофи потоа појасни дека „производството на американско тло ќе биде главно посветено на Соединетите држави, а остатокот (неговиот) производствен капацитет ќе биде распределен во Европа, Франција и остатокот од свет “. Групата, исто така, вети дека нејзината можна вакцина „ќе биде достапна за сите“.
Пание-Рунахер изјави дека веднаш ја контактирала француската фармацевтска група по изјавите на нејзиниот генерален директор.
-Шефот на „Санофи Франција“ ми потврди дека вакцината ќе биде достапна за сите земји и очигледно (…) за Французите, особено затоа што има капацитети за производство во Франција“, рече таа.
Во моментов различни лаборатории, институти или фармацевтски групи работата на околу 100 проекти за вакцина против Ковид-19.